social image

Macedonia Express

Ве покануваме во Македонија – една од последните големи, сè уште неоткриени дестинации во Европа. Земја на планини, езера и реки, природни чуда, ендемични видови на флора и фауна и неисцрпен извор на културно богатство, митови и легенди кои се раскажуваат со векови. Совршено место за вашата Macedonia Express авантура инспирирана од популарните ТВ серии од типот на „експрес“ трки.

Опремени само со мапа и загатки, тимовите тргнуваат во брза, но стратешка трка со времето – динамична тим-билдинг авантура која бара решавање на предизвици, снаодливост, логика и соработка со локалното население. Секој тим се движи по истата рута, со ограничени ресурси за храна и сместување – но има можност да се избори за подобри услови! Ќе биде потребна кохезија, стратегија и тимски дух за успешно завршување на задачите во зададениот временски рок. Но, внимавајте – не е доволна само брзината! Креативноста, оригиналноста и начинот на изведба носат дополнителни поени. Победничкиот тим ќе биде награден со луксузни подароци или ексклузивна услуга.

Оваа авантура на отворено е вистинско освежување за вашите вработени – искуство што ја претвора дестинацијата во терен за незаборавна тимска приказна. Подгответе се да бидете дел од новата епизода – онаа на вашата компанија!

Карактеристики и услуги

За незаборавни искуства

ТРАЕЊЕ

4 ноќевања / 5 дена
ПОЧЕТОК И КРАЈ

Македонија – Аеродром Скопје
ПЕРИОД

Април – Ноември

ДЕН 1 – ВИНСКИ РЕГИОН И ДЕМИР КАПИЈА – „БУДЕЊЕТО НА БАХУС“
 

· Аеродромска загатка – Почеток на трката - Авантуристичкиот дух се буди веднаш по пристигнувањето на аеродромот во Скопје. Тимовите добиваат први загатки и минимални инструкции – во вистински „Express“ стил, предизвикот започнува уште пред да го пронајдете сопствениот превоз. Менталниот предизвик ве воведува во ден полн со натпревари, стратешко планирање и тактичко делување.

· Правење и дегустација на вино – Попова Кула- Во прекрасната винарија Попова Кула, тимовите се натпреваруваат во уникатни активности поврзани со виното – берење грозје, гмечење, трки со буриња и дегустација. Сето тоа во атмосфера која совршено го спојува тимскиот дух, традицијата и забавата, додека се ужива во винската магија на Демир Капија.

· Дионизиска ноќ – Вечер на боговите - Вечерта кулминира со спектакуларна Дионизиска забава. Облечени во тоги и со златна шминкa, гостите уживаат во вечера со месо печено на отворен оган, специјални вински коктели и огнено шоу. Фолклорните настапи и ритмите инспирирани од митологијата ќе ја разбудат античката енергија создавајќи вечер која ги предизвикува сите сетила и во која митот станува реалност.

ДЕН 2 – ОХРИДСКО ЕЗЕРО И ПИОНЕРСКИ КАМП – „ЛЕГЕНДИ И ЕЗЕРСКИ УБАВИНИ“
 

· Живописно патување до Охрид - По појадокот, тимовите патуваат низ срцето на Македонија кон Охрид – градот под заштита на УНЕСКО, каде што секој камен има своја приказна. Со појавата на езерото започнува и следната мисија: возбудлива потрага по богатство, исполнета со антички мистерии и предизвици.

· Охридска потрага по богатство - Уличките со калдрма и светите места во Охрид стануваат ваше игралиште. Тимовите дешифрираат кодови, сликаат икони, реконструираат мозаици и изведуваат театарски сцени на античкиот амфитеатар. Секој предизвик не само што ве носи поблиску до крајната цел, туку и до меѓусебно зближување.

· Катамаран трансфер и кампување крај езеро - Победничкиот тим добива ексклузивен трансфер со катамаран до пионерскиот камп (Scout Camp) во Струга – камп во природен амбиент, со шатори сместени под високи дрвја. За повеќе дружба шаторите се поставени во круг, додека пак кајаците, велосипедите и лежалките нудат опуштање и спонтана забава покрај езерото.

· Камперски скара пикник и акустична вечер - Денот завршува покрај логорски оган со вкусна скара на отворено послужена во пикник варијанта. Под ѕвездено небо и со жива акустична музика, тимовите споделуваат приказни, смеа и заедништво. Вечер исполнета со топлина, позитивна енергија и искрено поврзување.

ДЕН 3 – КАЊОН МАТКА И СКОПЈЕ – „ПРЕДИЗВИКОТ НА ПРИРОДАТА“
 

· Патување низ дивината на Македонија - Патеката од Охрид до Матка води низ некои од највеличествените пејзажи на земјата. Импозантни планини, чисти реки и две вештачки езера создаваат сценографија што го открива недопреното лице на Македонија и ги воведува тимовите во следниот физички предизвик.

· Кајакарска трка и истражување на пештера - Кањонот Матка станува арена за адреналинска кајакарска трка во која само најбрзите и најусогласените тимови ќе се искачат на пијадесталот. Оние кои преферираат порелаксирано темпо уживаат во возење со чамец и истражување на мистичната пештера Врело која е една од најдлабоките подводни пештери во светот.

· Гурмански ручек покрај кањонот - По физичкиот напор следува заслужен одмор – ручек во ресторан сместен на карпа над езерото. Смарагдните води под вас и древните храмови околу вас создаваат идеално сценарио за уживање и повторно полнење на енергијата – гозба за телото и душата.

· Крафт пиво и рок вечер во Скопје - Денот завршува во срцето на старата чаршија во Скопје, во Old Town Brewery, каде што ве чека енергична рок вечер. Дегустација на македонски крафт пива објаснети од страна на самиот производител, комбинирана со модерна атмосфера и локални вкусови – совршен спој за релаксација, дружба и славење на завршната фаза од авантурата.

ДЕН 4 – ТРКА ПО БОГАТСТВО ВО СКОПЈЕ И ГАЛА ВЕЧЕРА „ГЛАВЕН ПРЕДИЗВИК И ИДЕАЛНА ЗАВРШНИЦА“
 

· Стратешки старт со подучување и загатки - Последниот ден започнува со подготвителна утринска сесија и откривање на загатките за финалната трка низ главниот град. Тимовите се мобилизираат – психички, емоционално и стратешки, за последна шанса да заблескаат.

· Потрага по богатство за откривање на културното наследство на Скопје - Од изработка на фигурини во Археолошкиот музеј и дешифрирање глаголички писма, до стрелање со лак во дворот на стара црква – секој предизвик е поглед кон богатата историја на Скопје. Камениот мост и старата чаршија служат како совршена позадина за оваа интерактивна авантура.

· Награди и попладневна релаксација - На целната линија се слави не само брзината, туку и креативноста и тимската кохезија при што победничкиот тим е награден со медали. Потоа следи слободно време за прошетка низ центарот – кафе, локален шопинг или впивање на атмосферата на главниот град.

· Гламурозна гала вечер во Вила Ина - Со поглед кон ноќното небо над Скопје, гала вечерата во Вила Ина е совршен крај на авантурата. Со музика во живо од дувачки оркестар, гурманско мени во четири јадења и DJ сет под ѕвездите – вечерта е вистинска прослава која го заокружува и онака незаборавното и неповторливо искуство низ македонските предели.

ДЕН 5 – ЗАМИНУВАЊЕ
 

· Слободно време во хотелскиот спа центар
Последни моменти за опуштање – уживајте во утринското кафе, релаксирајте се во спа центарот или одете на кратка прошетка пред заминувањето.

· Заминување од Македонија

4 ноќевања / 5 дена
Македонија – Аеродром Скопје
Матка

Заедно можеме да создадеме исклучително искуство во кое вашите клиенти ќе уживаат!